Активисти на организацијата „Гринпис Франција“ ја отстранија восочната фигура на францускиот претседател Емануел Макрон од музејот „Гревен“ во Париз и ја поставија пред руската амбасада, протестирајќи против, како што велат, продолжените деловни врски меѓу Франција и Русија.
„Фигурата беше симболично ‘позајмена’ од музејот бидејќи сметаме дека не ѝ е местото во културна институција која го слави меѓународниот углед, додека Франција продолжува да склучува договори со Русија и не покажува доволна заложба за еколошка транзиција на европско ниво“, соопшти „Гринпис Франција“.
Организацијата го обвини претседателот Макрон дека држи остар реторички став во врска со руската инвазија врз Украина, но не презема конкретни економски чекори – како запирање на увозот на руски гас и вештачко ѓубриво.
На транспарент поставен за време на акцијата пишуваше: „Украина гори, а бизнисот продолжува“.
Француските медиуми јавуваат дека три лица – двајца мажи и една жена – ја извеле акцијата претставувајќи се како обични туристи. Од „Гринпис“ не открија кога фигурата на Макрон ќе биде вратена во музејот.
Музејот „Гревен“, инаку еден од најпознатите восочни музеи во светот, се уште нема официјална реакција по настанот.






