Бил Гејтс ќе го донира поголемиот дел од своето богатство за здравство и образование во Африка
Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, најави дека во следните 20 години ќе го донира поголемиот дел од своето богатство за подобрување на здравствените и образовните услуги во Африка.
Говорејќи во седиштето на Африканската унија во Адис Абеба, Гејтс изјави дека „ослободувањето на човечкиот потенцијал преку вложувања во здравството и образованието може да ја постави секоја африканска држава на патот кон просперитет“, пренесе BBC.
Тој ги повика младите африкански иноватори да размислат како да ја искористат вештачката интелигенција (AI) за унапредување на здравствената заштита на континентот.
Минатиот месец Гејтс објави дека планира да донира 99 отсто од своето богатство, кое се очекува да достигне 200 милијарди долари до 2045 година, кога и неговата фондација ќе го заврши своето работење.
„Неодамна се обврзав моето богатство да го донирам во следните 20 години. Најголемиот дел од тие средства ќе бидат насочени кон решавање на предизвиците во Африка“, истакна Гејтс.
Објавата доби поддршка од поранешната прва дама на Мозамбик, Граса Машел, која рече дека доаѓа „во време на криза“ и изрази надеж дека Гејтс ќе остане посветен на овој трансформативен процес.
Фондацијата на Гејтс, која веќе има долга историја на активности во Африка, ќе се фокусира на подобрување на примарната здравствена заштита. Гејтс потсети дека мобилните телефони веќе ја имаат трансформирано банкарската индустрија во Африка и додаде дека сега постои можност вештачката интелигенција да одигра слична улога во здравството.
„Африка во голема мера го прескокна традиционалното банкарство. Сега имате шанса, додека ги градите здравствените системи на иднината, да размислите како вештачката интелигенција може да биде вградена во нив“, рече Гејтс.
Фондацијата соопшти дека ќе работи на три приоритети: спречување на смртноста кај мајки и новороденчиња од причини што може да се избегнат, обезбедување на идните генерации да растат без смртоносни заразни болести и извлекување милиони луѓе од сиромаштија.






