Македонија се соочува со сериозна здравствена криза – државата е меѓу водечките во Европа по број на пушачи, а трендот добива уште позагрижувачка димензија со сè поголемата употреба на никотински производи кај младите.
Според последните податоци, над 46% од возрасните мажи и 27% од жените редовно користат тутун или други никотински производи. Но особено шокира фактот дека повеќе од 10% од адолесцентите на возраст 13-15 години веќе имаат искуство со овие производи.
Најпопуларни кај младите се т.н. никотински кесички – снус, кои лесно се набавуваат и често се користат без надзор или контрола, алармираат од здравствените институции.
„Каква порака испраќаме кога дури и законодавците не го почитуваат законот за забрана на пушење?“, прашуваат од здравствениот сектор.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека нивната бесплатна телефонска линија за советување веќе дава резултати кај дел од граѓаните кои се борат со зависноста од цигари. Но предупредуваат – пристапот до тутун и снус останува лесен, а младите се најранливата категорија.
Стручњаците бараат итни мерки, посилна регулатива и казни, како и вистински пример од институциите за да се заштити јавното здравје.







