Сè повеќе млади во Србија – дури и на 19-годишна возраст – добиваат мозочни удари и страдаат од болести кои порано беа карактеристични само за повозрасната популација. Лекарите алармираат дека станува збор за „тивка епидемија“ предизвикана од нездрав животен стил, честото користење на цигари, вејп, алкохол и енергетски пијалаци, како и последиците од Ковид-19.
Според доктор Предраг Станарчевиќ, 10 до 15% од сите мозочни удари денес ги добиваат лица помлади од 45 години, а неговиот најмлад пациент имал само 19. Најчесто се работи за исхемиски мозочен удар.
Покрај ова, се зголемува бројот на млади со аритмии, хроничен замор, дијабетес, проблеми со белите дробови, па дури и со депресија. Педијатарот д-р Саша Милиќевиќ вели дека еден од главните виновници е раното користење на цигари и особено вејп – кој младите погрешно го сметаат за „помалку штетна“ варијанта.
„Вејпот содржи супстанци што директно влегуваат во крвта и сериозно го оштетуваат организмот кој сè уште се развива. Особено се загрозени децата што имале бронхитис или астма. Зачудува тоа што се повеќе ученици од 7 и 8 одделение користат вејп, а родителите често го толерираат тоа“, предупредува д-р Милиќевиќ.
Дополнителна закана е и никотинската супстанца „снус“, која се става под усната слузница. Освен што може да предизвика воспаленија и малигни промени, таа делува и врз мозокот и дигестивниот систем.
Последиците од Ковид-19 исто така не се занемарливи: многу млади денес страдаат од срцеви проблеми, тешкотии при дишење и хроничен замор. Комбинацијата на алкохол со енергетски пијалаци уште повеќе ја загрозува младата популација, со зголемен ризик за оштетување на црниот дроб, бубрезите и срцето.
Меѓу најчестите заболувања кај младите денес се:
мозочен удар дијабетес астма оштетување на белите дробови депресија хроничен замор аритмии опструктивна белодробна болест пореметувања на видот и држењето малигни промени во усната шуплина
Лекарите апелираат на итна едукација и превенција, бидејќи, како што велат, „ова не е само здравствен проблем – ова е аларм за целото општество“.






