Оскар Пјастри забележа голема победа на патеката Каталуња, освојувајќи ја Големата награда на Шпанија во драматична трка исполнета со стратегии, инциденти и технички проблеми. Австралиецот од Мекларен го остави зад себе тимскиот колега Ландо Норис и возачот на Ферари, Шарл Леклер, кои го комплетираа победничкиот подиум.
Главен момент на трката беше судирот меѓу актуелниот светски шампион Макс Ферстапен и Џорџ Расел од Мерцедес. По контактот кој Ферстапен го иницираше во последниот дел од трката, холандскиот возач доби казна од 10 секунди, што го турна на 10. место и му одзеде шанси за повисок пласман.
Трката понуди тактичка битка, каде речиси сите тимови избраа најмеки гуми во завршницата, освен Ферстапен, кој се обиде да заврши со тврда компонента – стратегија што не му се исплатеше.
Додека Мекларен доминираше на чело, драмата продолжи во заднината. Возилото на безбедност ја врати неизвесноста во трката, но веднаш по неговото повлекување, Ферстапен почна да губи позиции, а потоа го предизвика инцидентот со Расел.
Дополнителен удар за Мерцедес беше техничкиот дефект кај тинејџерот Андреа Кими Антонели, кој мораше да ја прекине трката 12 круга пред крајот.
Зад првите тројца, четвртото место му припадна на Расел, а петти заврши Нико Хулкенберг од Кик Заубер, кој на само три круга до крајот го мина Луис Хамилтон. Во поени се пласираа и Исак Хаџар (Рејсинг Булс), Пјер Гасли (Алпин) и Фернандо Алонсо (Астон Мартин).
Наредната трка во шампионатот е Големата награда на Канада, каде што екипите ќе се обидат да ја искористат новата динамика во борбата за титулата.






