Либерално-демократската партија (ЛДП) останува доследна во својата заложба за темелна изборна реформа и најавува нов предлог-закон кој ќе биде поднесен во понеделник во Собранието. Партијата повторно ја актуелизира иницијативата за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и инкорпорирање на предлозите од невладиниот сектор за независни кандидатски листи во новиот Изборен законик.
ЛДП потсетува дека и во претходните два парламентарни состави поднесуваше законски предлози во оваа насока, а сега повторно ги става во фокус клучните принципи за фер и транспарентен изборен систем.
„Како прва политичка партија што јавно ја застапува идејата за една изборна единица и отворени листи, сметаме дека е неопходно да се воспостави систем што ќе гарантира еднаквост на гласот и реално влијание на граѓаните врз изборот на нивните претставници,“ наведуваат од партијата.
Од ЛДП веруваат дека предложените измени ќе ја зголемат отчетноста, ќе ја зајакнат улогата на гласачите и ќе придонесат за натамошен развој на демократијата во државата.
Партијата упати повик до сите политички субјекти и претставници на граѓанското општество за вклучување во отворен дијалог и заедничка работа со цел конечно усвојување на праведен и инклузивен изборен модел.






