Премиерот Христијан Мицкоски „даде зелено светло“ за предлогот на „Вреди“ Азир Алиу да раководи со здравството.
Според Премиерот, Алиу, кој по професија е доктор по информатички науки, ги исполнува условите за да седне во министерската фотеља која остана празна по оставката на Таравари, кога тој реши да ја напушти Владата и да замине во опозиција. Во наредните денови, како што посочи Мицкоски, предлогот ќе биде пуштен до пратениците за да го мине и собранискиот филтер.
-Дали сметате дека господинот Алиу ги исполнува уловите за да биде иден министер за здравство?
Да, јас и официјално го добив тој предлог. Деновиве ќе го доставам до пратениците во Парламентот. Со господинот Алиу се познаваме и мислам дека добро ќе соработуваме во рамките на Владата,- – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада.
Додека „црно на бело“ не се потврди неговиот избор, Алиу не сака јавно да коментира за тоа како ќе го спасува најболниот и најсензитивниот сектор. Во телефонски разговор за Канал 5 кусо кажа дека сега е со статус „кандидат“, а доколку стане Министер ќе ги презентира своите планови и програми.
Идниот министер за здравство ќе има полни раце работа, бидејќи здравствениот систем, според поплаките на пациентите, има и површни ама и длабоки „рани“. Освен тоа што во дел од клиниките низ земјава со години нема подобрување на условите, како што е случајот со болницата во Кочани, меѓудругото, пациенти со дијагностициран канцер со месеци чекаат термин за снимања, а кога ќе успеат да направат магнет, некои дури и по половина година чекаат резултатот да им биде прочитан.
Во околу три децении од сите кои раководеле со здравствениот систем, само Никола Тодоров е правник, а Алиу, доколку биде избран, ќе биде вториот кој ќе „министерува“ со здравството, а не доаѓа од лекарската фела.
Инаку, претходно како кадар на Алијансата за Албанците во Владата на СДСМ и ДУИ Алиу беше министер за информатичко општество.







