Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува нови чекори против Кина, откако Вашингтон ја обвини Пекинг за кршење на постојниот трговски договор меѓу двете земји.
Заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, изјави дека американската влада веќе има активирано серија процедури за да обезбеди почитување на договореното.
„Ова отвора цела низа процедури за Соединетите Американски Држави да обезбедат почитување на договорот во иднина“, рече Милер, додавајќи: „Постојат мерки што веќе се преземени, има мерки што се преземаат во моментов, и мерки што сè уште се разгледуваат.“
Милер предупреди дека би било крајно неразумно од страна на Кина да продолжи со, како што рече, деструктивна практика, наместо да избере пат на соработка.
Претходно, во петокот, претседателот Трамп јавно ја обвини Кина за непочитување на договорот за царини.
„Можеби не е изненадувачки за некои, но Кина целосно го прекрши договорот со нас“, изјави американскиот претседател.






