Повеќе од 100 камиони со брашно, во сопственост на Светската програма за храна при Обединетите нации, биле ограбени во јужниот дел на Појасот Газа, во областа Кан Јунис, објавија денеска палестински медиуми.
Израелскиот портал Ynet пренесува дека група луѓе нападнала околу 110 камиони кои биле подготвени за дистрибуција на храна што требало да започне утре.
Според Тhe Times of Israel, на видео-снимки од местото на настанот се слуша интензивна пукање, но засега нема официјални информации за повредени.
Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) изјави вчера дека „Газа е најгладното место на светот“, каде „100 проценти од населението е изложено на ризик од глад“.
Израел минатата недела започна постепено да дозволува ограничено количество хуманитарна помош да влезе во Газа, откако од 2 март целосно го блокираше увозот на храна, лекови, гориво и друга стока.
Израелската страна го обвини Хамас дека ја краде хуманитарната помош и истакна дека е потребна „строга контрола“ за да се спречи таа помош да заврши кај милитантни групи.






