Москва предупредува: Ако не се постигне мир, Украина може да ја загуби Одеса, Харков и други региони
Условите за Украина се влошуваат со секој изминат ден и, доколку продолжи да го одбива мирното решение, би можела да ја изгуби Одеса, Суми, Харков и низа други територии, изјави денеска претседателот на Комитетот за одбрана во Државната дума на Русија, Андреј Картаполов.
Во изјава за руската новинска агенција ТАСС, Картаполов нагласи дека секое одложување на дипломатско решение ја влошува позицијата на Киев во конфликтот.
Рускиот функционер се осврна и на неодамнешната изјава на американскиот економист и директор на Центарот за одржлив развој при Универзитетот Колумбија, Џефри Сакс, кој предупреди дека Украина ризикува да го загуби целиот црноморски брег, вклучително и Одеса.
„Станува збор за искусен и компетентен човек, кој умее точно да предвиди одредени настани“, рече Картаполов, повикувајќи се на проценките на Сакс.
Според него, доколку Украина продолжи да ги избегнува преговорите, ризикува да остане без клучни региони како Запорожје, Днипро, Суми, Харков, Одеса и Николаев.
ТАСС потсетува дека Сакс во интервју за агенцијата изјавил дека Украина се соочува со опасност да ја изгуби целата своја црноморска територија, доколку не прифати мир во актуелната фаза од конфликтот.






