Околу 250 милиони пчели се ослободија во северната американска држава Вашингтон, откако камион што превезувал повеќе од 30 тони пчелни кошници доживеал сообраќајна несреќа и се превртел.
Причината за превртувањето засега останува непозната, а властите од безбедносни причини привремено го затворија патот по кој се движело возилото. Целта е да им се овозможи на пчелите да се вратат во своите кошници и повторно да ја пронајдат матицата.
„Иако нема сериозна закана по здравјето на населението, апелираме до граѓаните да ја избегнуваат областа“, соопштија од канцеларијата на шерифот. Дополнително, на лицата алергични на убоди од пчели им се препорачува да побараат информации и совети на веб-страницата на Министерството за здравство на државата.
Во акцијата за спасување се вклучија повеќе од 20 пчелари, кои работеа на собирање, поправка и повторна поставка на оштетените кошници. Надлежните изразија надеж дека поголемиот дел од пчелите наскоро ќе се вратат во нивните легла.
Компанијата одговорна за транспортот ќе биде задолжена за понатамошното управување со ситуацијата и справување со последиците.






