Бугарија очекува во јуни да добие зелено светло од Брисел за усвојување на еврото, но перспективата за приклучување кон еврозоната предизвикува се поголем отпор меѓу граѓаните. Илјадници излегоа на улиците барајќи да се задржи националната валута – левот – предупредувајќи дека преминот кон еврото ќе го влоши економскиот стандард.
„Ако Бугарија се приклучи на еврозоната, тоа ќе биде како да се качиме на Титаник“, изјави пензионираниот висок функционер Николај Иванов за агенцијата АФП на еден од неодамнешните протести.
Од почетокот на годината, противниците на еврото организираат масовни демонстрации и бараат одржување референдум. Протестите се одвиваат во амбиент на силна дезинформациска кампања и сè поголема политичка поларизација.
Економската нестабилност од минатото повторно е актуелизирана. Сеќавањата од кризата во 1996-1997 година – кога 14 банки пропаднаа, а хиперинфлацијата надмина 300 проценти – повторно ги поттикнуваат стравовите на јавноста.
Истовремено, анкети покажуваат дека речиси половина од Бугарите се против влезот во еврозоната. Наспроти проевропските ставови во главниот град Софија и другите урбани центри, голем дел од населението во внатрешноста стравува од уште поголема сиромаштија.
„Сиромашните се плашат дека ќе станат уште посиромашни“, вели Боријана Димитрова, директорка на истражувачкиот институт „Алфа“.
Тоа чувство на несигурност е дополнително засилено од години политичка нестабилност и недоверба кон институциите, што создаде плодна почва за евроскептицизмот. Крајно десничарската партија „Вазраждане“ стана еден од главните промотори на движењето против еврото и повика на нов масовен протест во Софија во сабота.
Претседателот Румен Радев неодамна изненади со свој став, повикувајќи и тој на референдум и обвинувајќи ја владата дека не презела доволно мерки за заштита на најранливите слоеви од населението.
Според податоците на Евростат, минатата година околу една третина од бугарските граѓани се соочувале со ризик од сиромаштија или социјална исклученост.
Во јавниот дискурс доминираат и теории на заговор. На социјалните мрежи се шират лажни тврдења дека со воведувањето на еврото „Брисел ќе ги конфискува заштедите на граѓаните за да ја финансира Украина“.
Од друга страна, проевропските гласови тешко допираат до пошироката јавност. „Во Софија и другите поголеми градови, каде што населението е побогато, подобро образовано и помладо, еврото се гледа како логичен чекор во европската интеграција“, вели Димитрова.
Иако Бугарија е членка на ЕУ од 2007 година, останува најсиромашната земја во Унијата – факт што дополнително ја продлабочува дебатата околу економските ризици и придобивки од еврозоната.







