Грешка во Google Maps предизвика сообраќаен хаос во ГерманијаГрешка во Google Maps создаде хаос на германските автопати
Технички проблем во апликацијата Google Maps предизвика паника и забуна кај возачите на германските автопати, откако на мапите се појавија бројни црвени знаци за „стоп“, лажно укажувајќи на затворања и застои.
Инцидентот се случи во четвртокот, а погрешните информации најмногу ги погодија возачите во близина на големите градови Франкфурт, Хамбург и Берлин. Слични проблеми беа забележани и во делови од Белгија и Холандија, објави британскиот „Гардијан“.
Поради лажните предупредувања, многу возачи се пренасочија кон алтернативни патишта, што доведе до вистински метеж и блокади на тие рути.
Оние кои се потпреа на други апликации – како Apple Maps и Waze – или следеа сообраќајни вести преку радио, добија сосема поинаква слика за состојбата: дека сообраќајот се одвивал нормално и без поголеми пречки.

Случајот предизвика бројни реакции и коментари на социјалните мрежи. Дел од корисниците изразија збунетост, а некои дури стравуваа дека станува збор за безбедносна закана или терористички напад.
Google засега не соопшти што точно ја предизвикало грешката. Портпарол на компанијата изјави дека случајот е под истрага и дека се работи на утврдување на причините за проблемот.







