Русија најави подготвеност да размисли за прекин на огнот во Украина, но постави два клучни предуслови: запирање на воената поддршка од Западот кон Киев и прекин на украинската мобилизација.
Постојаниот руски претставник во Обединетите нации, Василиј Небензја, денеска изјави пред Советот за безбедност на ОН дека евентуалниот прекин на огнот нема да биде доволен за трајно решавање на конфликтот.
„За да постигнеме одржливо и трајно решение на украинската криза, неопходно е да се адресираат нејзините основни причини. Предлагаме втора рунда преговори во Истанбул овој понеделник, каде што би можеле да размениме меморандуми со ставовите на двете страни во процесот“, изјави Небензја, пренесува агенцијата РИА.
Тој потенцираше дека Русија ќе продолжи да се бори „колку што е потребно“, сè додека не се елиминираат, како што рече, „заканите на руските граници и присуството на антируска и неонацистичка идеологија во соседството“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно најави дека руската делегација е подготвена да ѝ го претстави на украинската страна предлог-меморандумот за можно решение на втората рунда преговори, закажана за 2 јуни во Истанбул.







