Турската полиција во Истанбул заплени фалсификувани банкноти во вредност од околу 100 милиони евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Турција.
Министерот Али Јериклија изјави дека се уапсени петмина странски државјани осомничени дека се обидувале да пуштат во оптек лажни пари во различни валути, меѓу кои американски долари, саудиски ријали и египетски фунти.
На видеоснимка објавена од турскиот министер се гледаат десетици патни торби во стан, од кои една е преполна со фалсификувани банкноти од по 100 долари. Покрај тоа, се прикажани и свежни банкноти од 500 саудиски ријали (приближно 117 евра), како и апоени од 100 и 200 египетски фунти (околу 1,75 и 3,5 евра).
Турската жандармерија, покрај фалсификатите, запленила и материјал и опрема за нивно производство, додаде Јериклија.
Во контекст на зголемената циркулација на фалсификувани пари, крајот на 2024 година беше обележан со мерки на претпазливост: менувачниците во Истанбул и неколку туристички центри низ Турција привремено престанаа да примаат банкноти од 50 и 100 долари, со образложение дека постојат ризици од измама поради зголеменото количество фалсификати во оптек.







