Петреус предупредува: Доколку победи во Украина, Путин може да ја нападне Литванија
Поранешниот директор на ЦИА и американски генерал Дејвид Петреус предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да нападне членка на НАТО ако постигне успех во Украина, пренесува MSN. Според него, Литванија е најизложена на таква опасност.
Петреус смета дека Москва би можела да го искористи евентуалниот напад врз оваа балтичка држава како тест за решеноста на Западот или како почеток на поширока воена офанзива.
Генералот, кој по успешната воена кариера го предводеше и американското разузнавање, упати критики кон двајцата најнови американски претседатели. Доналд Трамп, според него, повеќепати му „попуштил“ на Путин, додека Џо Бајден не успеал соодветно да ја вооружи Украина.
Петреус повика и Обединетото Кралство да се повлече од меѓународните договори кои ја забрануваат употребата на касетна муниција, оценувајќи дека токму таа може да одигра клучна улога во одвраќањето на Русија.
„Три пати досега американскиот претседател се закануваше дека за две недели ќе мораме да смениме курс. Ќе видиме дали сега навистина ќе се случи нешто. САД предолго одлагаат поединечни одлуки – како што беше случајот со тенковите M1 Abrams. Секој со отворени очи може да види дека на Украина ѝ се потребни борбени авиони F-16“, изјави Петреус.
Тој додаде дека слична ситуација се повторила и со донирањето на повеќецевни ракетни системи, со напредна муниција, како и со укинување на ограничувањата за нивна употреба.
„Сето тоа беше крајно неефикасно за Украинците. Секогаш мораа да молат, да чекаат, прво добиваа ‘не’, потоа ‘можеби’, и дури потоа добиваа дел од она што го бараа. Веќе одамна требаше да сториме доволно за да им овозможиме да го сменат односот на силите на фронтот и да ѝ покажат на Москва дека не може да постигне територијални добивки без да плати неприфатливо висока цена – бидејќи она што за другите е неприфатливо, за Русија сè уште е прифатливо“, нагласи Петреус.
Според него, крајната цел на Кремљ е соборување на украинскиот претседател Володимир Зеленски, поставување проруска власт и целосно преземање на контролата врз Украина.
„Штом го остварат тоа, ќе се насочат кон една од балтичките држави. Литванија често се спомнува во говорите на Путин и тоа мора сериозно да го сфатиме“, заклучи поранешниот директор на ЦИА.







