Министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Вашингтон оствари билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио. Средбата е дел од неговата работна посета на Соединетите Американски Држави, со фокус на унапредување на стратешките односи меѓу двете земји.

Муцунски ја нагласи посветеноста на македонската влада кон институционализација на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акционен план. Тој ја истакна важноста на заедничките вредности и долгогодишното пријателство со САД, како темел за унапредување на политичкиот дијалог и соработката во повеќе сектори.
Меѓу клучните теми на разговор беа економските односи, со акцент на намалување на тарифите и иницирање процес за потпишување Договор за слободна трговија. Муцунски ја реафирмираше отвореноста на македонската влада за привлекување американски инвестиции и зголемено присуство на американски компании во земјата.

Во делот за безбедносната соработка во рамки на НАТО, министерот подвлече дека Македонија останува кредибилен сојузник, со инвестиции над 2% од БДП во одбранбениот сектор. Регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан, исто така, беа во фокусот на разговорите.
Муцунски изрази благодарност за континуираната американска поддршка и увери дека стратешкото партнерство меѓу двете земји ќе продолжи да се развива со засилена динамика и конкретни резултати.







