Американскиот претседател Доналд Трамп, незадоволен од континуираните руски напади врз Украина и фрустриран од бавниот напредок на мировните преговори, разгледува можност за воведување нов бран санкции против Москва веќе оваа недела. Ова го пренесува угледниот Wall Street Journal, повикувајќи се на извори блиски до Белата куќа.
Според тие извори, новите мерки најверојатно нема да вклучуваат дополнителни ограничувања за руските банки, но американската администрација разгледува низа други инструменти со кои би се зголемил притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин да отстапи на преговарачката маса.
Како една од опциите се споменува и предлогот за 30-дневно примирје – иницијатива што Киев ја поддржува, но која Москва засега категорично ја отфрла.
Јавна изјава на Трамп: Бес кон Путин
Во неделата, Трамп за првпат јавно го коментираше можниот нов пакет санкции, изразувајќи силна огорченост кон рускиот лидер:
„Апсолутно разгледуваме таква опција. Тој убива огромен број луѓе. Не знам што му се случило. Што, за бога, не е во ред со него?“ – изјави Трамп, искажувајќи гнев кон Путин, за кого претходно тврдеше дека имаат „специјален однос“.
Според извори од врвот на американската администрација, претседателот Трамп дури разгледува можност САД целосно да се повлечат од мировниот процес доколку „последниот обид“ не донесе резултати. Таков потег би претставувал драстичен пресврт во политиката на Трамп, кој во изборната кампања ветуваше дека ќе го запре воeниот конфликт уште на првиот ден од неговиот мандат.
Во случај на американско повлекување, останува неизвесно дали Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Украина со воена помош – одлука која би можела драстично да ја промени состојбата на фронтот.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека сака мир преку преговори,“ изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, додавајќи дека „разумно ги остава сите опции отворени“.
Москва возвраќа со најинтензивен напад досега
Промената во тонот на американската политика доаѓа речиси истовремено со досега најжестокиот руски воздушен напад врз Украина од почетокот на војната. Само неколку часа по најавата за можни нови санкции, Русија истрела повеќе од 350 борбени дронови и најмалку девет крстосувачки ракети.
Украинските воздушни сили потврдија дека се работи за најинтензивен напад од февруари 2022 година, додека руското Министерство за одбрана го опиша нападот како „одмазда“ за неодамнешните украински удари на руска територија.
Ниту мир, ниту отстапки
И покрај изборното ветување дека ќе го „преврти конфликтот во Украина наопаку“, Трамп досега не успеа да изнуди каков било суштински компромис од Кремљ. Напротив, Русија ги засили своите воени активности и продолжува да ги игнорира мировните иницијативи што доаѓаат од Вашингтон.
Во понеделникот, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека САД, Германија, Франција и Велика Британија ги укинуваат ограничувањата за дострелот на оружјето што ѝ го испраќаат на Украина. Тоа значи дека украинските сили отсега ќе можат да гаѓаат цели и длабоко во внатрешноста на Русија – промена што може да има сериозни геополитички последици.






