Македонскиот композитор, аранжер и кантавтор Саше Георгиев ја претстави својата најнова музичка творба – песната „Мислам на тебе“, која е целосно авторска и снимена во неговото музичко студио „Македон“. Оваа композиција доаѓа по низа успешни проекти кои Георгиев ги реализираше во последната година, меѓу кои и соработка со турската ѕвезда Четин Гундер од Германија.
Студиото „Македон“, активно уште од 1990 година, беше стартна точка за бројни проекти, меѓу кои и албумот „Печалбарска солза“ – дело што го втемели Георгиев како автор со длабоко чувство за животот на македонскиот печалбар. Истоимената песна останува препознатлив хит со голема емотивна тежина.
Во изминатата година, од студиото „Македон“ излегоа две нови песни на Четин Гундер, од кои една, насловена „Ништо нема“, е испеана на три јазици и носи аранжман токму од Саше Георгиев. Втората – „Tut Beni“ – исто така го носи неговиот музички печат.
„Мислам на тебе“ ја продолжува оваа низа на инспирирани песни и е уште еден доказ за талентот и посветеноста на Георгиев, кој веќе со децении е активен во македонската и меѓународната музичка сцена.






