Во нов воздушен напад на израелската армија врз Појасот Газа, мета беше објект што порано функционирал како училиште, при што, според информациите од палестинската цивилна одбрана, загинале најмалку 20 лица.
Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија дека нападот бил насочен против, како што наведуваат, „високорангирани терористи“ поврзани со Хамас и Исламски џихад. Тие, според наводите, делувале од команден и контролен центар лоциран во зградата на поранешното училиште во градот Газа.
Палестинската цивилна одбрана првично соопшти за 13 загинати и 21 повреден, но бројките подоцна беа коригирани на најмалку 20 мртви. Судбината на другите повредени лица сè уште не е позната.
Израелската офанзива на Газа беше обновена средината на март, по двомесечно примирје. Воените дејствија беа дополнително интензивирани на 17 мај, со цел – како што тврдат израелските власти – целосно уништување на Хамас, ослободување на преостанатите израелски заложници и преземање контрола над палестинската територија.
Конфликтот ескалираше по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога, според податоците на агенцијата AFP базирани на официјални извори, беа убиени 1.218 лица, претежно цивили. Од 251 лице што беа киднапирани тој ден, 57 сè уште се наоѓаат во Газа, од кои најмалку 34 се потврдени како починати.
Палестинското Министерство за здравство, кое дејствува под администрацијата на Хамас, соопшти дека во израелската офанзива досега загинале речиси 54.000 луѓе – најголем дел од нив цивили. Овие податоци се сметаат за веродостојни и од Обединетите нации.
Хуманитарната состојба во Појасот Газа продолжува да се влошува, а цивилната инфраструктура, вклучително и училишта, болници и засолништа, сè почесто станува цел на воените дејствија.







