Американскиот претседател Доналд Трамп остро го осуди руското бомбардирање на Украина за време на викендот, изразувајќи сериозно незадоволство од постапките на рускиот претседател Владимир Путин.
„Не знам што му е. Што по ѓаволите му се случи? Убива многу луѓе. Не сум среќен поради тоа“, изјави Трамп пред новинарите на аеродромот во Морристаун, Њу Џерси, пред да се врати во Вашингтон.
Изјавата дојде по најголемиот воздушен напад од почетокот на војната – руските сили испукале 367 ракети и дронови кон украинските градови, меѓу кои и главниот град Киев. Во нападот загинале најмалку 12 луѓе, а десетици се повредени.
Неколку часа подоцна, Трамп ги повтори своите коментари на сопствената социјална мрежа, додавајќи:
„Секогаш сум имал добри односи со Владимир Путин, но нешто се смени. Полудел! Убива недолжни луѓе, не само војници. Ракети и дронови паѓаат врз цивилни цели – без никаква причина. Секогаш сум тврдел дека ја сака цела Украина, не само дел од неа. Ако тоа му е целта, ќе ја уништи Русија.“
Осврнувајќи се и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Трамп беше подеднакво критичен:
„Зеленски не му прави услуга на својот народ. Начинот на кој зборува само создава проблеми. Тоа не ми се допаѓа и мислам дека треба да престане.“
Тој истакна дека војната, која трае речиси три години, „немаше да се случи ако јас бев претседател“. Според него, сегашната ситуација е резултат на, како што ја нарече, „голема некомпетентност и омраза“.
„Ова не е моја војна. Тоа е војната на Зеленски, Путин и Бајден. Јас само се обидувам да ги изгаснам пожарите што тие ги запалија.“
Минатата недела, Трамп разговарал повеќе од два часа со Путин, во обид да го поттикне прекинот на огнот. Исто така, најави можност за дополнителни санкции кон Москва, доколку руските напади продолжат.







