Илон Маск исчезнува од фокусот на Белата куќа: Од „најмоќен неизбран лидер“ до политичка сенка
Еден од највлијателните луѓе во американската политика до неодамна, Илон Маск, сè поретко се споменува во јавните настапи на претседателот Доналд Трамп и Белата куќа, пренесуваат американските медиуми. Маск, кого го нарекуваа „најмоќниот неизбран лидер во светот“, полека исчезнува од политичката сцена, откако неговото контроверзно однесување почна да предизвикува сериозни последици – и политички и деловни.
Маск, кој вложи стотици милиони долари во поддршка на изборната кампања на Трамп, по победата на републиканскиот кандидат доби значајна улога во администрацијата. Како специјален владин службеник и основач на Одделот за владина ефикасност (DOGE), Маск учествуваше во креирањето политики, отпуштање на илјадници јавни службеници, укинување на програмите за странска помош како УСАИД, и дури имаше пристап до доверливи владини бази на податоци.
Во првите месеци од вториот мандат на Трамп, неговата присутност беше секојдневна: од Овалната соба и кабинетските состаноци, до патувања со претседателскиот авион „Ер Форс Уан“. Но, со текот на времето, неговите постапки и изјави станаа толку непопуларни што го отуѓија и самото републиканско водство, а неговото влијание започна да опаѓа.
Како што известува „Политико“, Трамп, кој во февруари и март редовно го споменуваше Маск на платформата Truth Social, престана целосно да го спомнува од почетокот на април. Истовремено, Маск најави дека ќе го намали политичкото финансирање. Минатата година, според CNN, потрошил над 290 милиони долари за поддршка на Трамп и републиканците, со што стана нивни најголем донатор.
Иако му беше доделен статус на специјален владин службеник, со законски лимит од 130 работни денови годишно, Маск веќе не се појавува во клучните дебати или на повисоките политички нивоа. Според аналитичарите, неговото тивко повлекување укажува на промена во односот на Белата куќа кон бизнисменот кој некогаш беше сметан за сивата еминенција на новата администрација.







