САД – Поранешната кандидатка за претседател на САД и поранешна државна секретарка Хилари Клинтон упати остро предупредување во врска со можната амбиција на Доналд Трамп да се кандидира за трет претседателски мандат, спротивно на Уставот на Соединетите Американски Држави. Таа предупреди дека таков потег би можел да отвори врата и за други поранешни претседатели, алудирајќи на Барак Обама и Бил Клинтон.
Во интервју за американскиот медиум „NBC Meet the Press“, Трамп неодамна ги отфрли гласините дека има намера да се кандидира за трет мандат. Сепак, неговите изјави и реторика оставија простор за сомнежи, што Клинтон го искористи како повод за коментар.
„Слушајте што зборува Трамп – тој секогаш сè ви кажува. Често, кога обвинува некого за нешто, всушност говори за нешто што самиот го направил или планира да го направи“, изјави Клинтон во интервјуто.
Таа истакна дека има пријатели кои веруваат дека за да се разбере ваквото однесување, ќе бидат потребни психолози и психијатри.
„Кога Трамп вели: ‘Има луѓе кои мислат дека тоа е можно’, тој мисли на десничарски тинк-тенкови кои активно работат на сценарија како да го заобиколат Уставот“, додаде Клинтон. Таа, исто така, предупреди дека меѓу поддржувачите на Трамп има и „многу милитантни лица кои веруваат дека тоа треба да се случи – и ако не може легално, тие нема да дозволат тоа да биде пречка“.
Клинтон со доза на иронија и критика кон развојот на политичката сцена во САД рече: „Ако веќе одиме во тој правец и го кршиме Уставот, тогаш зошто да не им понудиме на граѓаните вистински избор – да се кандидираат и Барак и Бил!“
„Целата оваа ситуација е апсурдна, срамно е што воопшто мора да разговараме за тоа, но мораме да се соочиме со реалноста“, заклучи Хилари Клинтон.






