САД подготвија мировен план од 22 точки за Украина – првата точка е итен прекин на огнот
Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, објави дека САД изработиле сеопфатен мировен план од 22 точки за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина. Според него, првата и клучна точка е итен и целосен прекин на огнот.
Во објава на социјалната мрежа X, Келог истакна дека планот е резултат на дипломатските состаноци во Лондон и Истанбул и претставува основа за почеток на сериозен мировен процес.
„Станува збор за силен и структуриран план. Првата точка предвидува сеопфатен прекин на огнот што веднаш би го запрел насилството и би ги заштитил животите на илјадници луѓе“, напиша Келог.
Тој додаде дека американскиот државен секретар Марко Рубио на средбата во Истанбул „јасно ставил до знаење дека САД се решени да помогнат во ставање крај на конфликтот“.
Средбата што се одржа на 15 мај во Истанбул претставуваше прв директен контакт меѓу руската и украинската делегација по прекинот на преговорите во 2022 година. Иницијативата за обновување на дијалогот дојде од рускиот претседател Владимир Путин, кој на 11 мај побара почеток на разговори без предуслови и предложи Турција да биде домаќин.
На преговорите во Истанбул, покрај руската и украинската делегација, присуствуваше и американска делегација, што укажува на засилен ангажман на Вашингтон во обидите за изнаоѓање дипломатско решение.







