Ерупција на вулканот Левотоби Лаки-Лаки во Индонезија – прогласено највисоко ниво на тревога
Вулканот Левотоби Лаки-Лаки, лоциран на источниот дел од Индонезија, повторно еруптираше, исфрлајќи густи облаци пепел кои достигнаа височина од 1.200 метри. Индонезиските власти веднаш го подигнаа нивото на тревога на највисоко, предупредувајќи на потенцијално поразорни ерупции.
Според податоците на Агенцијата за вулканологија, првата ерупција започнала по полноќ, додека втората била забележана во 9:36 часот наутро. Вулканот, кој се издигнува на 1.584 метри надморска височина, се наоѓа на туристичкиот остров Флорес, познат по својата природна убавина, но и по сеизмичката активност.
„Инструменталните и визуелните анализи покажуваат дека активноста на Левотоби Лаки-Лаки и понатаму е висока“, соопшти индонезиската Геолошка агенција, посочувајќи дека постои реален ризик од „уште посилна ерупција“ во наредниот период.
На жителите од околните населби им е препорачано задолжително да носат заштитни маски поради пепелта во воздухот, додека на туристите им е строго забрането да се приближуваат на растојание помало од шест километри од вулканскиот кратер.
Дополнително, властите предупредуваат на можни свлечишта, особено доколку се појават обилни врнежи. Ризикот е најголем во заедниците сместени покрај реките што потекнуваат од самиот врв на вулканот.
Левотоби Лаки-Лаки и претходно бил активен. Последната голема ерупција, која се случи во ноември, резултираше со девет жртви, откажување на бројни меѓународни летови и евакуација на илјадници луѓе.






