Норвешките власти предупредуваат: Украсите во кабините на камионите стануваат сериозна закана за безбедноста
Норвешката управа за сообраќај алармира за вознемирувачки тренд кој, иако на прв поглед изгледа безопасно и дури пријатно, претставува директна опасност за животот. Станува збор за сѐ почестата појава возачите да ги украсуваат ветробранските стакла и кабините со разни предмети – нешто што е забрането и сериозно ја загрозува видливоста.
Јан Хари Свенсен, експерт за сообраќајна безбедност од Норвешкиот автомобилски сојуз (NAF), ја објасни опасноста:
„Возачите често имаат блокиран поглед кон десната страна – а токму таму се наоѓа еден од најопасните мртви агли, особено кај камионите. Во таков агол може да стои цело одделение деца, а возачот да не ги забележи“, изјави Свенсен за Motor.no.
На граничниот премин Свинесунд, еден од најфреквентните во Норвешка, неодамна бил запрен странски камион со внатрешност која повеќе личела на олтар отколку на возачка кабина. Завеси, разнобојни коцки што виселе од таванот, предмети поставени на контролната табла – вклучувајќи крст, сад со темјан и други верски симболи – сето тоа ја попречувало прегледноста на патот.
Проблемот, велат надлежните, е широко распространет. Возачите често не се свесни дека овие украси се забранети. На контролните пунктови, полицијата бара итно отстранување на сите предмети пред да дозволи понатамошно продолжување на патувањето. Но, многумина веднаш по напуштањето на контролата повторно ги враќаат украсите.
Привремената забрана за возење е само најблагиот исход. Во потешки случаи, може да следува парична казна или пријава до полиција.
Норвежаните признаваат дека овој феномен се среќава и кај домашните камиони, но нагласуваат дека најчесто е присутен кај странските возачи. Слична загриженост веќе изразија и шведските власти.







