Кинеската влада неодамна објави т.н. „бела книга“ за својот одговор на пандемијата на Ковид-19, и во неа повторно се отвора прашањето за потеклото на вирусот. Во документот се тврди дека е можно коронавирусот да не потекнува од Кина, туку од САД.
„Постојат сериозни докази дека Ковид-19 можел да се појави во САД уште пред официјално да се регистрираат случаи во Кина“, стои во документот објавен преку државната новинска агенција Синхуа.
Во „белата книга“ остро се критикуваат САД, со порака дека е време да престанат со префрлање на вината и избегнување одговорност. „САД треба да се соочат со сопствените слабости во јавниот здравствен систем, да престанат да бараат надворешни изговори и искрено да размислат за внатрешна реформа“, се вели во документот.
Интересно е што оваа објава доаѓа откако Белата куќа неодамна ја ажурираше својата веб-страница COVID.gov. Новата верзија на страницата повеќе не е фокусирана исклучиво на вакцинацијата, туку сега претставува информации и докази што ја поддржуваат теоријата дека вирусот можеби истекол од лабораторија. Таму се спомнува и улогата на д-р Ентони Фаучи, кој првично ја застапуваше тезата за природно потекло на вирусот, и се наведуваат детали за политиките на социјално дистанцирање и носење маски што беа воведени во САД.
Пекинг, пак, ја обвини администрацијата на Доналд Трамп дека се обидува да ја префрли вината врз Вухан, наместо да даде одговори на легитимната загриженост на меѓународната заедница.
Кина тврди дека уште на самиот почеток ги споделила сите информации со Светската здравствена организација и со остатокот од светот, тврдење кое останува предмет на глобална дебата.






