Џо Бајден ќе присуствува на погребот на папата Франциск
Поранешниот претседател на САД, Џозеф Бајден, заедно со својата сопруга Џил, планира да присуствува на погребот на папата Франциск, кој ќе се одржи во сабота во Ватикан. Веста ја потврди портпаролката на Бајден, Кели Скали, додавајќи дека конечните детали за посетата сè уште се усогласуваат.
Бајден, кој е католик и имал повеќекратни средби со покојниот поглавар на Римокатоличката црква, му додели Претседателски медал за слобода во јануари, непосредно пред да ја напушти Белата куќа.
Американската телевизија CBS News, повикувајќи се на повеќе извори, претходно објави дека Бајден, кој одржувал блиски лични и професионални односи со папата Франциск уште од неговата посета на САД во 2015 година, има цврста намера да присуствува на погребната церемонија.
Папата Франциск беше избран за поглавар на Римокатоличката црква во 2013 година, за време на администрацијата на Барак Обама. Од неговиот кабинет информираа дека поранешниот претседател Обама нема да присуствува на погребот.
Сегашниот американски претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп се очекува денес да отпатуваат за Рим.
Папата Франциск почина во понеделникот, на 89-годишна возраст, како последица од мозочен удар, по неколкумесечна борба со здравствени компликации. Неговото тело од средата е изложено во базиликата Свети Петар, каде десетици илјади верници и граѓани дојдоа да му оддадат последна почит.
На погребот се очекува присуство на бројни светски лидери, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.






