Путин и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф во Москва: Разговори за можен прекин на огнот во Украина
Средбата помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, заврши по три часа интензивни разговори во Кремљ, соопшти помошникот на Путин, Јуриј Ушаков.
Како што пренесуваат руските медиуми, главна тема на средбата била можноста за обновување на директни преговори помеѓу Русија и Украина, како и потенцијалниот договор за прекин на огнот.
„Разговорот беше фокусиран на украинската криза, особено на идејата за враќање на масата за преговори меѓу Москва и Киев“, изјави Ушаков, оценувајќи го состанокот како „конструктивен и корисен“.
Според него, средбата придонела за приближување на ставовите не само околу ситуацијата во Украина, туку и за други клучни меѓународни прашања. Дополнително, тој најави дека руско-американскиот дијалог ќе продолжи во „најактивен режим“ и на различни нивоа.
Ушаков посочи и на симболиката на датумот — состанокот се одржал на 80-годишнината од историскиот сојузнички контакт меѓу советските и американските трупи на реката Елба во 1945 година, за време на Втората светска војна.
„Овој историски момент го симболизира заедништвото меѓу нашите две земји во борбата против нацизмот“, истакна Ушаков.
На средбата присуствуваше и Кирил Дмитриев, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции.






