Едноставен трик за блескаво чиста ВЦ школка – за само пет минути
Чистењето на ВЦ школката несомнено спаѓа меѓу најомразените домашни обврски. Иако еден од највалканите предмети во секој дом, тоалетот, често не се чисти доволно добро. А понекогаш, и редовното одржување не секогаш помага во отстранување на тврдокорниот каменец.
Каменецот, покрај тоа што го нарушува изгледот на бањата, со тек на време може да предизвика и сериозни оштетувања на санитарната опрема и затнување на цевките. Затоа е важно да се отстрани навреме – а една домаќинка откри дека решението е поедноставно отколку што мислиме.
Британката Хелен Ворик, која долги пет години се мачела со тврдокорен каменец на дното од ВЦ школката, конечно го решила проблемот благодарение на едноставен трик што го прочитала на популарниот Фејсбук профил „Mrs Hinch Cleaning“, посветен на совети за чистење. Резултатот ја воодушевил – и тоа без никаков напор.
„Пробав сè што можете да замислите, но ништо не помогна. А потоа налетав на совет да се користи лимонска киселина. Го отстранив вишокот вода од школката, истурив лимонска киселина и ја оставив пет минути. Толку! Нема повеќе каменец. Пресреќна сум што конечно имам чиста ВЦ школка“, напиша Хелен на социјалните мрежи.
Лимонската киселина е веќе добро позната како природно средство за чистење со широка примена, но корисниците на социјалните мрежи се особено воодушевени од нејзината ефикасност токму кај тоалетите. Под објавата се нижат десетици коментари од луѓе кои ја користат редовно.
„Секогаш ја препорачувам, одлична е“, напишала една корисничка, додека друга додава: „Ја користев и за чистење на фуги меѓу плочките – само направете паста со малку вода, нанесете и оставете некое време, потоа избришете“.
Некои дури споделуваат дека додека лимонската киселина делува, во школката ја оставаат и четката за ВЦ за истовремено да се исчисти.
„Навистина е чудотворен производ“, вели друга корисничка. „Но, бидете внимателни – иако е одлична за тоалети, треба со претпазливост да се користи на други површини.“
Се чини дека лимонската киселина стана омилен сојузник во борбата против тврдокорната нечистотија – едноставна, ефикасна и лесно достапна.







