Креативниот директор на „Гранд“, Саша Поповиќ, почина во саботата на 70-годишна возраст, по долга и тешка битка со рак на желудникот, кој го лекувал во една од најдобрите клиники во Европа, во Париз. Поповиќ помалку од една година се борел со оваа подмолна болест.
Ракот на желудникот најчесто ја погодува постарата популација, но случаи кај млади луѓе се сè повеќе. Мажите се изложени на поголем ризик, а најчеста форма е аденокарцином, кој сочинува над 95% од случаите. Прогнозата е лоша ако не се открие навреме, со стапка на преживување од помалку од 20% по пет години. Сепак, здравиот начин на живот и раната дијагноза може значително да го подобрат исходот.
Ракот на желудникот често не дава специфични симптоми, а раното откривање е клучно. Симптомите може да вклучуваат чести жиговини (киселини), болка во стомакот, чувство на ситост по мали оброци, лошо варење, подригнување, губење на апетит, замор, а подоцна и крв во столицата, грутка на врвот на стомакот, гадење, оток во стомакот, необјаснето губење на тежината и жолтица, што покажува дека ракот може да се прошири на црниот дроб.
Симптомите во раната фаза се често неспецифични, како болка во горниот дел на стомакот, губење на апетит, замор и анемија. Дијагнозата вклучува рендген со двоен контраст, гастроскопија, КТ, ултразвук и некои туморски маркери за утврдување на стадиумот на болеста и следење на терапијата. Радиолошкиот преглед открива абнормалности кај повеќе од 90% од пациентите со симптоми.







