Најмалку 47 загинати во два вооружени напади во централна Нигерија
Во два одделни напади што се случиле во неделата вечерта во централниот дел на Нигерија, животот го загубиле најмалку 47 лица, а уште 22 се повредени, соопштија претставници на Црвениот крст и локалните власти.
„Можам да потврдам дека 47 лица се убиени, 22 се повредени и пренесени во болница, а пет куќи се запалени“, изјави за АФП претставник на Црвениот крст кој побарал да остане анонимен.
Нападите се случиле околу 20 часот во селата Зике и Кимакпа, во регион кој често е погоден од меѓуетнички и верски конфликти. Локалните власти ја потврдија бројката на жртви и додадоа дека има голем број ранети.
Инцидентите доаѓаат само десет дена по слични напади во истата област, кога беа убиени над 40 луѓе. Регионот е познат по тензиите меѓу муслиманските и христијанските заедници.





