Си Џинпинг од Виетнам: Протекционизмот не води никаде
Кинескиот претседател Си Џинпинг порача дека трговските и царинските војни „не носат победник“, нагласувајќи дека протекционизмот не нуди решение и не води никаде. Оваа изјава ја даде на почетокот на својата официјална посета на Виетнам, која е и негово прво патување во странство во 2025 година.
Изјавата доаѓа во време на ескалација на трговскиот конфликт меѓу Кина и САД – двете водечки светски економии. Американската администрација предводена од Доналд Трамп воведе царини од 145 отсто на увозот на кинески производи, на што Пекинг возврати со сопствени давачки од 125 отсто, сигнализирајќи дека нема да воведе дополнителни мерки, барем засега.
САД воведоа и царини од 46 отсто на увозот од Виетнам, што дополнително ја заострува трговската клима во регионот.
Кина останува најголем трговски партнер на Виетнам веќе повеќе од две децении, а билатералната размена на стоки минатата година ја надмина вредноста од 260 милијарди долари.
Си ја започна својата регионална турнеја од Ханој, главниот град на Виетнам, а по дводневната посета ќе продолжи кон Малезија, по покана на кралот Султан Ибрахим. Завршната дестинација ќе биде Камбоџа, каде ќе се сретне со кралот Нородом Сихамони.
Ова е четврта официјална посета на Си Џинпинг на Виетнам откако стана генерален секретар на Комунистичката партија на Кина во 2012 година.
Во изјава пред пристигнувањето во Виетнам, Си ја потенцираше важноста на дипломатските односи и регионалната соработка, посочувајќи дека дијалогот и партнерствата се клучни за стабилноста и економскиот развој во Југоисточна Азија.






