Зеленски: Украина досега добила околу 100 милијарди долари помош од САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека САД ѝ обезбедиле на Украина помош во вредност од околу 100 милијарди долари, при што околу две третини од тие средства директно пристигнале во земјата, а останатиот дел останал во Европа, во рамки на американски програми и канцеларии.
„Од тие 100 милијарди, околу 65 до 67 милијарди директно влегоа во Украина, главно во форма на оружје и финансиска поддршка“, изјави Зеленски во интервју за американската телевизија CBS News.
Тој додаде дека околу 35 милијарди долари се искористени како поддршка на украинскиот буџет.
„Од почетокот верувавме дека ова е заедничка борба – Украина ги брани нашите заеднички вредности, ја брани цела Европа. Затоа и Европа значително помогна“, истакна Зеленски, прецизирајќи дека европската поддршка финансиски речиси се изедначува со американската.
Украинскиот лидер се заблагодари на американскиот народ за, како што рече, „сериозната и константна поддршка“ во борбата против руската агресија.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД потрошиле 350 милијарди долари за Украина – бројка која значително се разликува од податоците кои ги наведува украинската страна.






