Си Џинпинг се огласи по повод ескалацијата на трговската војна со САД.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во својот прв јавен коментар за заострувањето на трговските тензии со САД порача дека Кина „не се плаши“. Оваа негова изјава доаѓа во време кога светските пазари се силно потресени, а загриженоста од глобална рецесија расте.
„Во трговската војна нема победници, а спротивставувањето на целиот свет води само кон изолација“, изјави Си за време на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг, пренесе државната телевизија CCTV.
Тој нагласи дека кинескиот развој, кој трае повеќе од 70 години, е резултат на самодоверба и напорна работа, а не на туѓа помош.
„Кина не се плаши од никакви неправедни притисоци“, додаде Си.
„Без оглед на тоа како се менува надворешната средина, Кина ќе остане самоуверена, фокусирана и посветена на добро управување со сопствените работи“, истакна тој.







