Седницата на Советот на јавни обвинители, на која требаше да се разгледа предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, е одложена поради недостиг на кворум. Според претседателката на Советот, Душица Димитриеска, тројца членови биле отсутни, а јавноста ќе биде дополнително информирана за следните чекори.
Ова е второ одложување на оваа седница – првично беше закажана за 18 март, но беше поместена поради прогласената седумдневна жалост за жртвите од трагедијата во Кочани. Советот мора да го разгледа предлогот најдоцна до следната недела, бидејќи роковите сè уште течат.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека постапката за разрешување на Коцевски ќе биде запрена во моменталната фаза. Според него, обвинителите треба да продолжат со работата, особено во врска со истрагата за трагедијата во Кочани.
Владата на 11 февруари донесе одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски, кој беше избран пред една година со мандат од шест години. Министерството за правда изготви предлог-мислење за негово разрешување, обвинувајќи го дека постапувал во предмети во кои имал судир на интереси и дека требало да се изземе.
Коцевски ги демантира овие наводи, тврдејќи дека неговото постапување било во согласност со законот и роковите.







