Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, денеска изврши увид во градежните активности на новата детска градинка „Верверичка“, која е во завршна фаза.

Оваа модерна градинка, лоцирана во населбата 11 Октомври Згради, ќе има капацитет за над 110 деца и ќе се простира на 525 квадратни метри. Во објектот ќе бидат сместени четири занимални, како и поголема сала за приредби и свечености. Според динамиката на градба, градинката треба да биде завршена до мај оваа година.

„Кога започнавме со работа, во Кисела Вода имавме над 400 деца кои чекаа за упис во градинка. Денес, речиси и да нема, благодарение на новите градинки што ги отворивме и проширувањето на постојните капацитети“, изјави Ѓорѓиевски.

Во изминатите три години, во општината се направени интервенции во вкупно девет објекти. Со изградбата на градинката „Верверичка“, како и со новите капацитети во Расадник и Потстаница, Кисела Вода е на пат целосно да ја елиминира листата на чекање за упис во градинка.
„Мојата визија е јасна – за секое дете во општината да има место во градинка. Овие проекти, заедно со инвестициите во опремувањето на градинките, ќе овозможат квалитетни услови за креативен и стимулативен развој на најмладите“, истакна Ѓорѓиевски.






