Светското фудбалско тело ФИФА размислува за можноста да го прошири Светското првенство во 2030 година на 64 селекции, за да ја одбележи стогодишнината од овој спортски настан, пренесува весникот The New York Times, без да наведе извор.
Светското првенство во 2030 година ќе се одржи во Мароко, Шпанија и Португалија, додека Аргентина, Парагвај и Уругвај, кои беа домаќини на првото Светско првенство, ќе бидат домаќини на три натпревари.
Претходниот формат на Светското првенство со 32 селекции веќе е проширен на 48 селекции за следното издание, кое ќе се одржи во 2026 година во САД, Мексико и Канада.
Според The New York Times, на последниот состанок бил претставен предлогот од уругвајскиот делегат Игнасио Алонсо за проширување на бројот на селекции на 64 за Светското првенство во 2030 година. Предлогот, според неименуван извор, бил пречекан со „запрепастен молк“ од присутните.
Во написот се додава дека, според три лица кои биле присутни на состанокот, ФИФА ќе се води не само од спортските, туку и од финансиските и политичките предности при одлучувањето за оваа промена.
„(Претседателот на ФИФА) господинот Инфантино… го опиша предлогот како интересен и вреден за понатамошна анализа“, објави The New York Times, што го потврдија „четири лица директно запознаени со дискусиите“.







