Во организација на Горанското друштво од Македонија, во ресторанот ФАФА во општина Чаир се одржа средба со кандидатите од пратеничката листа на Социјалдемократската Унија на Косово во пресрет на парламентарните избори на Косово што ќе се одржат на 9 февруари 2025 година.

На средбата присуствуваа пратеничката од Косово Дуда Баље, Беан Хаџиасан директор за Секторот за урбанизам, катастар и заштита на животната средина на општина Драгаш, Дамир Мазникар службеник во Дирекцијата за матична евиденција на општина Драгаш, доктор Мираљем Рахте од Здравствениот дом во Драгаш и Шефкет Исмаили претседател на здружението на граѓани “Заено за Брод” во Брод, Косово.
Кандидатката за пратеник во Собранието на Косово и носител на кандидатската листа 127 Дуда Баље ги претстави идните проекти и проблеми со кои се соочува Косово и областите Гора и Призренска Жупа.

Членовите на Горанското друштво укажаа на повеќе проблемите со кои се соочуваат во областа Гора, посебно ја нагласија потребата од итна изградба на инфраструктура во село Брод.
Членовите на Горанското Друштво од Македонија изразија благодарност до кандидатите од листата на Социјалдемократската Унија на Косово за нивната досегашна работа и изразија надеж за остварување на нивните барања за село Брод. Претседателката на Социјалдемократската Унија на Косово Дуда Баље им се заблагодари за присуството и вети дека доследно ќе ги застапува нивните интереси во Собранието на Косово!






