Додека европските лидери се собраа во Брисел во обид да покажат непоколеблива поддршка за Украина, Eлон Маск упати нова провокација кон украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Украина мора да одржи избори. Зеленски убедливо ќе ги изгуби“, напиша Маск на својата платформа Х.
Оваа провокација доаѓа по извештајот на Политико, кој објави дека блиски соработници на Доналд Трамп организирале тајни состаноци со политички опоненти на Зеленски, испитувајќи дали Украина може да организира брзи претседателски избори.
Сепак, анкетите покажуваат сосема различна слика од тврдењата на Маск. Најновите истражувања на јавното мислење укажуваат дека Зеленски убедливо би победил ако изборите се одржат сега.
34,2% од Украинците би гласале за сегашниот претседател, додека најблискиот противкандидат, поранешниот шеф на Генералштабот на Украинската армија и сегашен амбасадор во Велика Британија, Валери Залужни, има само 17,9% поддршка.
Поранешниот претседател и опозициски лидер со кого луѓето на Трамп се сретнале, Петро Порошенко, има само 8,2% поддршка. Поголема поддршка немаат ниту останатите опозиционери, како Јулија Тимошенко со 5,3% и поранешниот сопартиец на Зеленски, Дмитро Разумков, со 5%.






