Дел од граѓаните на Тетово кои имаат неплатени сметки за отпад кон фирмата „Саубермахер“ и ЈКП „Шари“ се соочуваат со дополнителни трошоци од 2.500 денари за нотарски услуги. Според жителот Сухел Јонузи, многумина добиле нотарски опомени без претходно да им бидат доставени фактури за плаќање.
„Двете компании не ги испраќаат редовно сметките на граѓаните. Јас лично не добив ниту една опомена, туку директно известување од нотар. Онлајн системот на ‘Саубермахер’ не покажува точен долг, а проблемот е што компанијата не реагира навреме“, вели Јонузи.
Градоначалникот Биљал Касами вели дека сите неплатени обврски завршуваат кај нотар и потенцијално кај извршител, но нагласува дека ако граѓаните навистина не добиле сметки и опомени, извршувањето не може да се спроведе.
Од компанијата „Саубермахер“ сè уште нема одговор колку граѓани завршиле на нотар поради неплатени сметки. Инаку, со доаѓањето на оваа компанија, начинот на наплата се промени – наместо по број на членови во семејството, сега таксата за отпад се пресметува според квадратурата на станот.







