Во Белград се подготвува проект и се спроведува во Македонија за уривање на статусот на Албанците од државотворен народ во малцинство. Како што објави ТВ 21, ова го изјавил потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи. Тоа е уште една од низата теми за кои од ДУИ го повикуваат ВЛЕН да ја напушти владата, бараат да се организираат и предвремени парламентарни избори заедно со локалните, а „ако се чепне“ Законот за употреба на јазиците од Уставниот суд – се закануваат со политичка криза и бојкот на локалните избори.
Според Османи, од ДУИ упатиле братски апел до ВЛЕН да се здружат за да го стопираат проектот на Белград.
„Можеме да го спречиме само доколку се здружиме. И верувајте ми, овој повик не е од потпретседателот на ДУИ, тоа е братски повик од човек кој бил доволно долго во системот за да ги знае кривините на политиката. Тоа е братски повик до Албанците, до ВЛЕН, им испративме и индиректни пораки. Ова е проектот – не сте свесени каде сте влегле. Историјата ќе ви суди дека го легитимиравте проектот за рушење на нашата државотворност, што некој ја донесе со крв пред 20 години“, изјави Османи.






