Додека повеќето европски лидери се обидуваат да обезбедат поддршка за Украина, за тоа не постои целосен договор во ЕУ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој важи за најблизок сојузник на Владимир Путин во ЕУ, изјави дека Унијата треба да го следи „примерот на САД“ и да започне преговори со Русија за прекин на огнот и „одржлив мир“.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет, до кое дојде агенцијата Асошиетед прес, Орбан наведува дека оваа позиција не може да се усогласи со нацрт-заклучоците за претстојниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел следната недела.
Според овој нацрт, преговорите за Украина не можат да се водат без самата Украина, а прекин на огнот е можен само како дел од сеопфатниот мировен договор.
Во меѓувреме, словачкиот премиер Роберт Фицо повтори дека неговата земја нема да обезбеди воена или финансиска помош за Украина. Тој, исто така, побара на самитот на ЕУ да се усвои повик за итно примирје, што, како што тврди, е одбиено од украинскиот претседател Володимир Зеленски и од мнозинството земји-членки на ЕУ.
Фицо предупреди дека ако самитот не ги прифати барањата на Словачка, Европскиот совет можеби нема да може да постигне единствен став за Украина.
На денешниот состанок/самит во Лондон, учествуваат лидери од повеќе европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Данска, Италија, но и Турција, заедно со претставници на НАТО и на Европската унија.
„Сега е моментот да се обединиме за да обезбедиме најдобар исход за Украина, да ја заштитиме европската безбедност и да ја гарантираме нашата заедничка иднина“, изјави британскиот премиер Кир Стармер.







