Лондон намерава да соработува со Франција, Украина и други земји за да развие план за мирно решавање на руско-украинската војна, соопшти британскиот премиер Кир Стармер за Би-Би-Си.
Одлукатадоаѓа по скандалот што избувна пред телевизиските камери меѓу претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа во петокот.
„Велика Британија и Франција, а можеби и уште една или две земји, заедно со Украина работат на план за прекин на непријателствата, а потоа ќе разговараме за тој план и со САД“, рече Стармер.
Категоричен сум дека мора да има договор, мора да има прекин на непријателствата и потоа договорот мора да се заштити бидејќи најлошото можно сценарио е привремена пауза и потоа повторно доаѓа Путин“. Стармер рече дека САД се обврзани да обезбедат безбедносни гаранции доколку Европа се согласи на мировна мисија во Украина.
Кир Стармер наведе три работи за кои верува дека се неопходни за да се постигне траен мир во Украина:
– силна Украина“ која ќе продолжи да се бори доколку е потребно и ќе биде во силна позиција да преговара
– Европски елемент со безбедносни гаранции
– преоден механизам од страна на САД
„Сите три услови мора да бидат таму за да се обезбеди мир“, рече Стармер.
„Не може да има договор што ќе се распадне, и токму затоа Зеленски е загрижен“, нагласи британскиот премиер и потврди: Зеленски „со право е загрижен дека предложениот договор треба да трае“.
Запрашан да ја коментира јавната расправија меѓу Трамп и Зеленски, Стармер рече дека „тоа е нешто што никој не сака да го види“ и смета дека негова работа е да дејствува како мост меѓу украинскиот и американскиот претседател.
Затоа, во текот на денот тој разговараше и со претседателот Трамп и со претседателот Зеленски. Фокусот мора да биде на траен мир во Украина, тврди Стармер.
Британскиот премиер не го смета за погрешно однесувањето на Зеленски во Вашингтон.
„Мислам дека ова е човек чија земја е во војна три години“.
Британскиот премиер рече дека им верува и на Трамп и на Зеленски, но не му верува на Путин.






