Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави значајна инвестиција во инфраструктурата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Ова е прво проширување на капацитетите од неговата изградба, со цел подобрување на условите за патниците и зголемување на туристичкиот потенцијал на регионот.
Проектот предвидува изградба на нова административна зграда со површина од 250 м², канцелариски простор од 120 м², помошни простории од 130 м² и нов простор за обезбедување од 40 м². Покрај тоа, ќе се изврши целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на површина од 2000 м² на двете нивоа.
„Оваа инвестиција ќе придонесе за модернизација на аеродромот, зголемување на неговите капацитети и унапредување на услугите за патниците. Со ова се отвораат нови можности за развој на туризмот и економијата во регионот,“ изјави Николоски.
Проектот е дел од пошироката стратегија на Владата за подобрување на транспортната инфраструктура и поврзаноста на Македонија со меѓународните дестинации.





