Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за „Слободен печат“ зборуваше за предизвиците со јавниот превоз во Скопје, посочувајќи дека ЈСП претставува најголем проблем за граѓаните и дека решението не е само во набавка на нови автобуси, туку во сериозно размислување за поефикасни транспортни политики.
„ЈСП е моментално најголемиот проблем за граѓаните, таму треба набавка на нови автобуси, но би се земал предвид и предлогот на министерот за транспорт околу лесно метро. Тоа е проект кој, според мене, заслужува сериозно внимание и тоа е проект во кој градот Скопје ќе може да интервенира заедно со владата и со Министерството за транспорт и врски,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во минатото многупати се зборувало за модернизација на јавниот транспорт, но дека реални чекори никогаш не биле преземени.
„Многупати во минатото се споменувале метроа, трамваи, но ништо не било реализирано. Единствено што се правело е што се купувале автобуси, но обновување на возниот ред не го решава проблемот,“ посочи Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека сообраќајниот метеж и нефункционалноста на јавниот превоз се прашања кои бараат системски пристап и заедничко делување меѓу градските и државните институции.
Според него, Скопје мора да усвои долгорочна стратегија за јавен превоз, која нема да се базира само на периодични инвестиции во автобуси, туку ќе обезбеди интегриран транспортен систем кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните и ќе ја намали сообраќајната гужва.







