Работниците во Италија добиваат петцифрени бонуси по извонредна деловна година. Ферари постигна рекордна продажба во 2024 година, испорачувајќи 13.752 возила, што е за 0,7% повеќе од 2023 година. Уште поважно, нето-приходот скокна за 11,8%, достигнувајќи 6,7 милијарди евра.
Во знак на благодарност до вработените кои придонесоа за овој успех, компанијата од Маранело реши да ги награди со дарежливи бонуси.
За време на состанокот со италијанските новинари, извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња, откри дека 5.000 работници во Италија ќе добијат бонус од 14.400 евра. Тоа е еквивалентно на почетната цена на новата Fiat Panda во Италија! За да нема забуни, ова е актуелниот модел кој се произведува од 2012 година, а не Гранде панда од Крагуевац.
Минатата година Ферари исплати 13.500 евра по работник, што значи дека овогодинешниот бонус е уште поголем. Со оглед на тоа дека Ферари е во подобра форма од кога било, сега е вистинското време да се работи за оваа компанија.
Одлични резултати и во наредните години
Ферари веќе има доволно нарачки за да ја пополни целата своја производна линија до почетокот на 2027 година.
Сепак, тоа не значи дека компанијата ќе забави – таа планира да продолжи со својата експанзија во 2025 и 2026 година, а планира шест нови модели само оваа година.
Еден од нив ќе биде првото целосно електрично Ферари, кое ќе пристигне на 9-ти октомври! Ако мислевте дека тоа никогаш нема да се случи – сте се излажале.







