Еврокомесарката Марта Кос изрази подготвеност да посредува меѓу Северна Македонија и Бугарија во надминувањето на билатералниот спор што ја кочи македонската евроинтеграција. На сослушување во Европскиот парламент, таа истакна дека Европската комисија активно работи со земјите-членки за поедноставување на пристапните процеси, со цел билатерални прашања да не го попречуваат проширувањето на ЕУ.
„Политичка цел ни е отворање на кластерот ‘Фундаменти’ веднаш штом се усвојат уставните измени. За тоа е неопходен дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија. Подготвена сум да посредувам, ако е потребно“, рече Кос.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не потврди дали е договорена средба со бугарски претставници на претстојниот НАТО самит во Хаг, но нагласи дека се водат разговори на различни нивоа. Таа го коментираше и извештајот на европратеникот Томас Вајц, кој го признава македонскиот идентитет и јазик, изразувајќи надеж дека ќе биде изгласан.
Сиљановска ја нарече навредлива последната резолуција на бугарскиот парламент, со која се инсистира на доследност на бугарските позиции од францускиот предлог.






