Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, изјави дека Британија и Франција треба да предводат сили од 100.000 војници во долгорочните мировни напори во Украина по војната.
„Неколку европски земји треба да го решат (тоа прашање). Треба да создадеме коалиција на спремни под водство на Франција и Велика Британија да обезбедиме безбедносни гаранции за Украина и да распоредиме војници на украинска територија“, изјави тој за Би-Би-Си.
Тој процени дека за операцијата ќе бидат потребни меѓу 50.000 и 100.000 војници, додавајќи дека за други слични распоредувања биле потребни децении и дека „треба да бидеме потрпеливи“.
Поранешниот дански премиер рече дека Германија, Холандија, Полска и балтичките земји, исто така, би можеле да се приклучат на оваа коалиција и дека САД би можеле да ги поддржат мировните напори без војници на теренот со обезбедување транспорт и надзор.







