Опасните хемикалии кои со години беа складирани во резервоари, цистерни, буриња, челични боци и друга амбалажа на отворен и затворен простор во дворот и објектите на ОХИС и претставуваа потенцијална опасност по здравјето на луѓето и животната средина, успешно се отстрануваат и носат во странство на уништување.
Oстанува наскоро да се најде чаре и за последните околу 10 тони опасни материи кои што се спакувани и од март годинава лежат во магацин и чекаат договорен транспорт за да бидат уништени во печка (инселератор) во Лион, Франција. Во тек е процедурата за вадење на нова дозвола за меѓународен транспорт на опасни хемикалии, пишува Вечер.мк.
Станува збор за повеќе десетици тони опасен отпад кои што беа препратени во печки за согорување во Германија и Швајцарија од страна на фирмата „Екоцентар 97“ која минатата година беше избрана од доверителите на АД ОХИС во стечај да ги препакува и безбедно да ги изнесе од нашата земја хемикалиите кои останаа заробени во кругот на овој поранешен гигант по неговото затворање.
Досега се отстранети околу 80 тони најразлични токсични хемикалии, како акрило нитрил мономер, метанол, метил акрилат, винил хлорид, хлор, перкадокс и други хемикалии со непознат состав.






